Разногласие во грчката Влада – опозицијата спремна на нови разговори

Спротивставени ставови во грчката влада  по гласањето во Парламентот на Република Македонија. Грчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за одбрана Панос Каменос со различни ставови за синоќешното гласање во Македонскиот парламент.

Резултатот од гласањето во Собранието, изјавите на македонскиот премиер и честитката од Ципрас до Заев од доцна синоќа се главна тема во грчките медиуми.

Ципрас кој воедно од денеска е официјално и министер за надворешни работи, на својот профил на социјалната мрежа Твитер му честита на својот македонскиот колега Зоран Заев за обезбедената поддршка за спроведување на Договорот од Преспа во Собранието.

Додека Каменос на твитер напиша дека се срами што во Европа се нудат два милиони евра за гласање. Тој вели, кој би помислил дека во европскиот систем на вредности и демократија тие што не гласаат според наредбите се затворани, а послушните добиваат бонуси од два милиони евра црни пари.

Јас сум најсреќниот министер во оставка, им рече стариот министер за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас на новинарските екипи, пристигнувајќи во грчкото МНР кусо пред средбата со Ципрас.

Ако Владата на Ципрас не успее да го ратификува Преспанскиот договор главната грчка опозициска партија “Нова Демократиа“ ќе преговара повторно со Македонија за решавање на спорот за името,, изјави советникот на партискиот претседател Кириакос Мицотакис, Макаруис Лазаридис.

Toj ја повторил пред грчкото радио „Параполитика“  позицијата на Мицотакис дека партијата нема да гласа за ратификација на преспанскиот договор под никакви услови.

„Ако договорот не биде ратификуван во Грција, ние како Влада ќе започнеме нови договори со Скопје од нула“, изјавил  Лазаридис.

Актуелниот договор помеѓу Скопје и Атина, според него е лош заради тоа што ги признава македонскиот јазик и идентитет, нешто што, како што нагласи Лазаридис, досега не било прифатено од ниту една грчка Влада.