Разладување на Матка – Спас од горештините
Пеколните температури ги испразнија скопските улици. На само 15 километри од главниот град е кањонот Матка, каде што температурата е пониска за неколку степени. Кога одевме накај излетничкото место прва дестинација ни беше Сарај, да видиме што покажува термометарот таму. Температурата беше 37 степени во 13 часот. Кога пристигнавме кај кањотот, таму веднаш се почуствува температурната разлика.
Матка е преполна со посетители. Многумина одлучија да се справат со летните горештини и од градскиот асфалт да дојдат тука, со ладен пијалок или сладолед покрај водата на реката Треска и природните убавини на кањонот.
Дел од посетителите често доаѓале тука да го поминат времето во природа и покрај вода.
Големата посетеност носи и профит. Угостителите и тезгааџиите велат дека имаат многу работа. Особено за време на летните месеци.
Покрај туристичките групи, младите и бројните семејства, покрај реката Треска решија да се разладат и партиски активисти. Со десетици маси и столчиња во два реда, ги затекнавме членовите на Алтернатива, кои се се дружеа со добра храна и пијалок.
Прекрасната Матка е рај за очи и душа, но дел од граѓаните посочуваат дека надлежните не инвестираат и не се грижат за природнте богатства.
Иако паркингот е бесплатен, на некои места тоа не важи. Може да ве дочекаат диви наплатувачи, кој ќе ви бараат пари за да го паркирате вашето возило.
Никола Цветкоски