Радев не оди кај Макрон- немало за што да разговара, немало напредок во разговорите со Македонија

Бугарскиот претседател Румен Радев нема да патува во Париз, на разговори кај својот француски колега Емануел Макрон, околу темата Македонија. Вели немало никаков напредок во разговорите меѓу Скопје и Софија, па не гледал причина за што би разговарал со Макрон. Оваа реакција на Радев доаѓа по информациите дека првиот човек на Франција ќе ги повика него и премиерот Кирил Петков, со предлог за отворање на преговорите за Македонија, каде бугарските услови би станале дел од преговарачката рамка.

-Нема напредок во разговорите меѓу Софија и Скопје, поради тоа нема ниту основ за таква моја посета на Париз. Ja ценам посветеноста и поддршката на нашите европски партнери, но јас сакам да видам реални резултати. Што се однесува до убедувањето на премиерот дека последната инстанца по темата Република Македонија е Парламентот, морам да појаснам дека последната инстанца секогаш е народот, изјави Радев.

Дека ќе оди на ваква средба ниту потврди, ниту демантираше Кирил Петков. Тој потенцира дека за секое можно решение последниот збор сепак ќе го има Парламентот, а не оние кои се на преговарачка маса со Македонија.

-Едно нешто потврдувам и пак повторувам за да се избегнат секакви злоупотреби по темата, пред и што да се направи, независно како ќе се договорат дипломатите, ќе минеме низ Парламентот. Парламентот е последната инстанца и нема да има ништо скриено и прикриено пред бугарскиот народ и сите ќе имаме една општа визија. Знам дека се работи многу, не можам да потврдам одделни покани или непокани за да видиме до каде ќе стигнеме. Реално во моментов е во рацете на дипломатите, изјави Петков.

Влегувањето на бугарските услови во преговарачката рамка е единствено прифатливо решение за бугарскиот европратеник Андреј Ковачев. Тој порачува дека кај Макрон треба да се оди, доколу тој има да каже нешто нов, а тоа треба да го знаат сите.

-Гаранција може да биде само доколку нашите точки од Рамковната позиција и Декларацијата на бугарскиот парламент, како и елементите на Договорот за пријателство и добрососедство бидат вклучени во преговарачката рамка што треба да ја усвојат сите земји-членки. Ако претседателот Макрон има нешто ново да и каже на Бугарија, треба да знаеме. Но, во никој случај не треба да се согласуваме ако некој уфрли нешто однадвор и рече – извинете се јавувам да ви го дадам тоа што треба да го прифатите, вели Ковачев.

Додека бугарскиот народ отворено од своите политичари ги знае позициите во однос на Македонија, кај нас случајот е сосем обратен. И покрај полните усти самопофалби колку оваа власт била транспарентна, луѓето за разговорите со Бугарија не знаат речиси ништо, освен дека сме немале договор околу спорните точки во моментов.

Матеја Петровски