Радев: Моментално сме во состојба на вето, нема почеток на преговорите додека не влезат Бугарите во Уставот

Ветото никогаш не беше кренато, преговорите никогаш не беа започнати. Бугарскиот претседател ги скрши розовите очила што ни ги наметнуваат  македонските власти.

Румен Радев е дециден дека македонските евроинтеграции ќе останат блокирани додека не сме покажеле политичка волја да ја сузбиеме, како што вели, дискриминацијата кон Бугарите во земјава.

Тој бара Европската Унија да врши мониторинг во земјава, за тоа дали се почитуваат правата на Бугарите. На вонредниот состанок на Европскиот совет, најави дека ќе го отворел прашањето за, како што рече, зголемена агресија и антибугарска кампања која се водела во Македонија.

Во моментов сме во состојба на вето. Со решението што успеавме со голем труд да го вметнеме во преговарачката рамка, преговорите ќе започнат дури откако Бугарите ќе влезат во уставот на нашиот сосед. Тие се уште не се впишани и преговорите не се започнати. Тоа е состојба на вето. Очекувам категорична и институционална реакција од властите во Македонија и итни активности за откривање на сторителите. За жал, во моментов не гледам политичка волја и има неусогласеност меѓу политичките амбиции и заложби на РСМ и реалноста во која живеат македонските Бугари таму. Негирањето на постоењето на овие проблеми само го одложува решението, доведува до чувство на неказнивост, а само стимулира злосторства од омраза.

Македонскиот премиер одби да ги коментира изјавите на бугарскиот претседател бидејќи Бугарија била во предизборна кампања.

И додека Бугарија се жали пред меѓународниот фактор дека Бугарите наводно се дискриминирани, им се врши тортура, се жртви на агресија, Советот на Европа пресече – нема системска дискриминација на врз малцинствата. Пред да биде усвоена Резолуцијата за Македонија која се однесува на правата на малцинствата, на Комитетот на министри на Советот на Европа, Бугарија инсистирала да бидат вметнати и нивните амандмани дека во Македонија има дискриминација, но тоа не поминало.

Земјата останува посветена на почитување и заштита на човековите права, вклучително и малцинските, независно за која етничка заедница станува збор, и отворена за соработка и дијалог со релевантните механизми за човекови права – информираа од Министерството за надворешни работи.

Инаку минатата недела, бугарскиот парламент со огромно мнозинство усвои декларација во која го осуди наводното насилство врз македонските Бугари. Од македонската дипломатија стигна осуда дека ваквите декларации одат само во прилог на провокаторите и тие кои не сакаат да се подобрат односите на релација Скопје-Софија.

Адријана Алексиеска

Advertisements