Радев: „Воинствениот македонизам“ е бариера за македонската перспектива во ЕУ

Македонија ќе го продолжи патот кон ЕУ само доколку го искорени „воинствениот македонизам“ и доколку ги интегрира Бугарите во своето општество. Ова е пораката на бугарскиот претседател Румен Радев, на денешната конференција во Софија, по повод 119-годишнината од смртта на Гоце Делчев, на која се дебатираше за „заедничката историја“ и за „евопрската зрелост на Македонија.

„Се соочуваме со важни одлуки и тешка дилема – што е можно побрзо да започнат преговори, во истовреме кога има јасна бариера со воинствениот Македонизам. Нашите интереси треба да се вкрстат и да бараме компромиси. Но кога зборуваме за компромиси – не можам да направам такви со правата на македонските Бугари. Нивните права мора да бидат вградени во уставот за да бидат интегрирани целосно во општествениот и економскиот живот на нашиот сосед, а за тоа треба да се стави крај на процесите на дебугаризација“, изјави Радев и дополни дека Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ само откако ќе ги заврши уставните измени, и дека услови за деблокадата се и гаранциите за заштита на бугарското културно и историско наследство.

Неможноста, пак, за договор за заедничко славење на Гоце Делчев било заради длабоката испреплетеност на политиката со историјата во Македонија, истакна шефот на бугарската страна на мешовитата комисија Ангел Димитров, кој со својата позната реторика не нарекува југословенски комунистички проект.

„Постоењето на македонска нација со вековни државотворни традиции, е целосно политички производ и таа станува задолжителна за постигнување на планираната тотална контрола во македонското време и простор. Историската наука кај нашиот сосед постепено се развиваше, но нејзината основна задача е да ја пополни содржината на политичката рамка без да си дозволи да ја напушти. Така е и денес“, рече Димитров.

Денешната конференција која се одржа во „Националната палата на културата“ во Бугарија беше под покровителство на претседателот Радев, на која освен тој, присуствуваа истакнати историчари, дипломати, новинари, претставници на организации на Бугарите од Македонија, како и претставници на Македонската патриотска организација во САД и Канада. Но очигледно, ова беше само уште една манифестација на бугарската наци-шовинистичка негација на македонизмот, на Македонците, на Македонија и на значењето на Гоце Делчев.

Поврзани вести