Работниците речиси и да не ги знаат своите права, здруженијата бараат подобри услови

Македонските работници многу малку си ги знаат своите права, алармираат од здруженијата на млади правници кои бараат подобрување на условите за работа. Дискриминацијата при вработување, остварување на правата од работен однос и правната заштита – се главни проблеми со кои се соочуваат работниците, кои полека ја губат гордоста.

Упатените велат дека мора да се подигне свеста кај работниците, зашто само така ќе може да се изборат за достоинствена работа.

Здруженијата предупредуваат дека работниците кај нас молчат и ретко кога се осмелуваат јавно да алармираат за притисоците и неправдите со кои се соочуваат. Кај нас велат, барем за сега, не се посветува внимание на притисокот на работното место, а немало работник што тоа не го почувствувал.

Дополнителен проблем според упатените е што македонските работници прифаќаат каква било работа и не водат сметка за условите кои им се наметнуваат. Последните години, според надлежните, драстично се намалувани правата на работниците. Тие се плашат да ги побараат своите права.

Правата на работниците што произлегуваат од работниот однос генерално се регулирани со Законот за работни односи, кој во пракса не секогаш се применува соодветно. Инаку, правото на работа претставува едно од фундаменталните човекови права загарантирани со Уставот.

Борис Грујоски