Работниците кои заминаа како технолошки вишок од загубарот „Еурокомпозит“, повторно изиграни

По последното од низата неисполнети ветувања, дадено на 8-ми март годинава од страна на претставникот на општествениот капитал дека до 22-ри месецов ќе бидат доисплатени 154-те работници кои заминаа како технолошки вишок од загубарот „Еуркомпозит“, тие денеска, пак протестираа пред Фабриката. Се закануваат дека од понеделник, повторно ќе одат пред Владата, доколку и при утрешната посета на премиерот Заев на Прилеп, не успеат да остварат средба со него.

Дел од овие работници досега, на име отпремнина имаат земено по 30.000 денари, а еден дел само по 5.000 од ветените по околу 100.000 ден. по работник. Според нив, ова било уште едно предизборно купување на време, но не и вистинска желба за конечно решавање на децениската агонија.

Во изминатиот период Владата ветуваше дека проблемот ќе се решава со изнаоѓање на стратешки инвеститор, или со финансиска интервенција од државниот Буџет во висина од 3 милиони евра. Но, засега, од овие ветувања, се уште – ништо.

Каролина Дурло