„Пуцко петрол“: Фирма на пратеник – главен доставувач на нафта за државните институции

82 илјади евра на ден, и во делник и во празник. Ова е сумата што во просек ја плаќаат државните институции и јавните претпријатија на „Пуцко петрол“, фирма чиј основач е пратеникот од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски. Компанијата за трговија со нафта и нафтени деривати во последните три месеци добила тендери во вредност од над 7 милиони и 350 илјади евра.

Министерството за внатрешни работи во август склучило договор вреден 1 милион и 918 илјади евра за набавка на екстра лесно гориво, еуро дизел, еуро супер, како и за млазно гориво. Набавката се однесува за период од три години или до исцрпување на утврдените средства.

На иста сума од 1 милион и 918 илјади евра во јули бил склучен договор и со Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта, но предвидено е овие пари да се потрошат во рок од две години.

ЕСМ за потребите на РЕК Битола потпишало договор вреден над 1.3 милиони евра, а за потребите на РЕК Осломеј тендерот бил тежок над 447 илјади евра.

Во изминативе три месеци меѓу поголемите муштерии на „Пуцко петрол“ е и државното Водостопанство каде вработените три месеци немаат земено плата за што повеќе пати и протестираа, а кое на „Пуцко петрол“ ќе му плати над 150 илјади евра за гориво.

Компанијата е формирана уште во 1992-та во селото Пласница, но најголем залет зема во последниве пет години, откако СДСМ со ДУИ доаѓа на власт. Оттогаш драстично е зголемена нејзината соработка со државните институции и станува главен добавувач на нафта.

Компанијата има и десетина бензински станици, а во последно време го шири бизнисот и во градежниот сектор.

„Пуцко“ во 2021-та имала вкупни приходи од 48 милиони и 133 илјади евра што е за 40% повеќе во однос на 2020-тата година. Компанијата се наоѓа на 67 место меѓу 100-те најголеми во Македонија.

Исмаил Јахоски пред да стане пратеник, претходно беше градоначланик на најсиромашната општина во Македонија, Пласница, и тоа во пет мандати. Во првиот како кандидат од СДСМ, а потоа поддржан од ДУИ. Во моментов на чело на општината е братот на Исмаил, Алија Јахоски.

Борис Грујоски

Advertisements