„Пуцко петрол“: Милионски тендери преку семејно – бизнис – политички врски?!

Иста фирма, ист нарачател – „Пуцко петрол“ со години како да е екслузивен снабдувач со горива за Комунална хигиена. Компанијата од Пласница ги добива буквално сите тендери за оваа намена на јавното претпријатие од Скопје.

Во изминатите пет години биле склучени над 10 поголеми договори чија вкупна вредност надминува над 5 милиони евра.

Со Комуналец со години раководеа кадри на ДУИ, а „Пуцко петрол“ е во сопственост на фамилијата на Исмаил Јахоски, пратеник во Собранието токму од ДУИ. Но, овие набавки се само еден пример за семејно – бизнис – политичката врска на оваа нафтена компанија со државните институции и јавните претпријатија.

„Пуцко петрол“ добива работа и од најголем дел од општините и министерствата со кои раководат луѓе на ДУИ, а во последните 5 години одлично му оди соработката и со институциите кои се во рацете на СДСМ.

Така, во јуни 2018-та, половина година откако Петре Шилегов станува градоначалник, ЈСП Скопје со компанијата од Пласница склучува склучува договорот за набавка на дизел гориво вреден над 15 милиони евра. Во октомври 2020-та „Пуцко“ повторно добива работа од ЈСП и тоа во вредност од над 13 милиони евра.

Изминативе години милионски договори склучиле и МЖ Транспорт, ЈП за одржување на државни патишта, ЕСМ, МВР.

Според веб порталот „Јавни набавки“, оваа компанија точи нафта за градинки, училишта, болници, затвори, јавни претпријатија, општини, но и за многу министерства и други институции.

Според податоците од Централниот регистар со „Пуцко петрол“ раководи Асмир Јахоски. Тој е син на Исмаил Јахоски кој во овој собраниски состав влезе како кандидат на ДУИ откако претходно во пет мандати беше градоначалник на Пласница, во првите два како кадар на СДСМ за подоцна да ги смени партиските бои и да премине кај Интегративците.

„Пуцко“ во 2021-та имала вкупни приходи од 48 милиони и 133 илјади евра што е за 40% повеќе во однос на 2020-тата година. Компанијата се наоѓа на 67 место меѓу 100-те најголеми во Македонија.

Борис Грујоски

Advertisements