Путин во посета на Белград

Очите на светската јавност денеска се вперени во Белград. Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, допатува во главниот град на Србија. Предвидени се низа активности со домаќинот Александар Вучиќ, кои почнаа со положување цвеќе на Гробиштата на ослободителите на Белград и Црвеноармејците. За крајот на посетата е предвидено Рускиот претседател да го одликува Српскиот со орденот Александар Невски, по што и двајцата ќе се обратат пред медиумите.

Инаку, во пресрет на посетата на посетата на Белград, од официјална Москва ги коментираа и случувањата во Македонија, при што кажаа дека не се против Договорот од Преспа, но се сомневаат во легитимноста на процесот, како и дека надворешни сили ја туркале земјава во НАТО.

Во српската престолнина присутни се повеќе од 600 новинари од повеќе од 160 редакции, а медиумите веќе почнаа да ја анализираат посетата на Путин.

Американската агенција „Блумберг“ пишува дека Вучиќ ќе сака да го искористи присуството на Рускиот претседател за да изврши притисок врз Западот, за постигнување договор за Косово. Во анализата на американската агенција пишува дека Српскиот претседател ќе побара поддршка од Москва за прекројување на границите на Косово, како и дека Вучиќ не го прифаќа противењето на ЕУ за таквиот потег. 

Во меѓувреме, пак, политичарите во Приштина се свртеа кон своите сојузници во Вашингтон. Тамошниот премиер, Рамуш Харадинај, ја негираше изјавата на Рускиот претседател дека САД се дестабилизирачки фактор на Балканот.

Инаку, денеска на Косово пристигнува еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, кој, според медиумите, се очекува да изврши притисок врз Приштина за да ги укине таксите од 100% на српските производи со цел, намалување на тензиите во односите со Белград. 

Андреа Василевски