Проширувањето на ЕУ изостана во говорот на идната претседателка на ЕК

Платите, економијата, климатските промени и миграцијата – но не и проширувањето. Довчерашната министерка за одбрана на Германија и кандидат за наследник на Јункер, Урсула Фон дер Лајен, во својот говор пред Европскиот парламент ниту еднаш не ја спомена Македонија и проширувањето на Унијата.

Во пресрет на гласањето за нов шеф на Европската комисија, таа ги презентираше приоритетите на нејзиниот мандат. Вети силна борба против климатските промени, меѓународна помош за бегалците и повисоки плати за работниците.

„Ќе се осигурам дека работата се плаќа. Во пазарната економија, секој човек кој работи на полно работно време треба да заработува плата која ќе му обезбеди достоен живот“, рече таа.

Таа потсети дека ЕУ има должност да го почитува правото на азил, да се бори против илегалниот шверц на мигранти и да ги спречи трагичните загуби во Медитеранот.

„Пред четири години во мојот дом дојде 19-годишен бегалец од Сирија. Не зборуваше германски, беше емотивно скршен од граѓанската војна. Денес, течно зборува германски и англиски, преку ден е лидер во заедницата, а навечер оди во средно училиште. И еден ден, сака да се врати дома“, додаде Фон дер Лајен.

За политиката на проширувањето со земјите од Западниот Балкан не стана збор во денешниот говор, иако претходните денови, одговарајќи на пратенички прашања, таа порача дека Македонија и Албанија треба да започнат преговори за членство во Унијата. Во отворено писмо до социјалистите и демократите во ЕП, Фон дер Лајен посочи дека, и покрај противењето на некои лидери во Унијата, ќе остане посветена на проширувањето. Таа Македонија ја спомена минатата недела при претставувањето на својата програма пред пратеничките групи во Европскиот парламент, каде рече дека земјава претставува „светол пример“ дека се може да се постигне кога се има јасна цел.

За да биде избрана за претседател на Европската комисија, на Фон дер Лајен и се потребни 374 гласа во Европскиот парламент.

Биљана Божиновска