Протест пред тетовскиот суд за пожарот во модуларната болница, разрешување на Јовески и санкции за виновниците

Оставка од републичкиот обвинител Љубомир Јовески и кривична одговорност за него и останатите обвинители кои се соработници на злосторниците и виновниците за пожарот во тетовската модуларна болница каде живи изгореа 14 луѓе. За пет години во Македонија имаме 4 големи несреќи 97 жртви и нула денови затвор за тие што ги предизвикаа, велат роднините и организаторите на протестот пред Oсновниот суд и обвинителството во Тетово.
- „Животите на граѓаните станаа заложници на пазарења и тендери без критериуми. Се виде дека корупцијата убива. Од целиот процес се докажа дека Обвинителството и Судот се дел и бранители на злосторничко здружување која ја држи државата во заложништво“, истакна Елмедина Абдулахи од Иницијативата „За подобро Тетово“.
Сите пароли и транспаренти од протестот со пораки одговорност сега – правда засекогаш, вистина пред лага – правда над измама, оставка од Јовески протестантите ги залепија на вратата и прозорите од тетовскиот суд, и покрај противењето на многубројни полицајци.
Роднините на загинатите и граѓаните на Тетово преку социјални мрежи се организираа за протест поттикнати од содржината на споделените документи и сведочења, објавените детали околу тендерот за изградба на монтажните болница но и сомневањата за пропустите при градба и квалитетот на материјалите..
Со тој став е и тетовскиот градоначалник Биљал Касами за кој 14-те жртви од пожарот биле убиени три пати, бидејќи се криеле вистинските виновници, роднините добиле политички корумпирана правда и третиот пат кога Меџити на чело на министерството за Здравство побарал владата да ги доплати средствата на „БРАКО“.
- „Во своите извештаи наведуваат дека кабелот се запалил поради немање соодветна и правилна инсталација која ја изведе компанијата БРАКО и дека причината за Модуларната болница која се запали и изгоре во рекордно време е затоа што конструкцијата и материјалот од кои е направена, беа несоодветни и со лош квалитет. Јавно ги прашуваме обвинителите на овој случај, на чело со поранешниот прв главен обвинител Јовески и неговиот наследник Јосифовска, зошто за време на судењето за овој случај никогаш не биле земени предвид извештаите и контактите на германскиот тим за судска медицина, а во исто време и на електроинженерот кој како основа во своите извештаи ги посочуваат вистинските и главните виновници за оваа трагедија, а тоа е фирмата на поранешниот вицепремиер Анѓушев, за несоодветната работа извршена според тендерските спецификации на предметната модуларна болница“, рече Касами.
Основниот суд во Тетово изрече условна пресуда за обвинетите директори Бесими и Етеми а на Клиничката болница ѝ е изречена парична казна од еден милион денари, а го ослободи доктор Вучевски. За организаторите на протестот тој предмет бил манипулација за јавноста.
Истрагата се води и во Обвинителството за организиран криминал и корупција но само да утврди дали е испочитувана законската процедура што се однесува на распишување и доделување на тендери, но не и за тоа дали тој што го распишал тендерот и тој што градел имаат вина за пожарот и за смртта на 14-те пациенти.
Викторија Миткова