Протест на судските полицајци – бараат покачување на платите за 15 проценти

180 судски полицајци бараат покачување од 15 проценти на месечните примања. Ја блокираа улицата пред Министерството за правда, револтирани поради измените во законот за судска служба со кој платите на сите судски службеници се зголемени- само не на полицајците.  Министерот за правда, Тупанчевски, не знаел дека со законот тие не се опфатени, па денеска им ветил дека до петок ќе преговара со Финансии .

  • „Моментално основната плата на овие луѓе овде е некаде околу 17 800 денари. Сега се зголемува, на судски полицаец за 7 бода, и тоа е околу 200-300 денари, ќе стигнеме до 18 100 – 200… Некои 24 – 25 000 денари со сè додатоци кога би било добро – изјави Владимир Литовски, претседател на Независен синдикат на судска полиција.

Судската полиција се надева на брзо решение во спротивно ќе го радикализираат протестот и ќе постават шатор пред министерството за правда. Доколку не добијат покачување, тие остануваат на минималната плата. Судската полиција се пожали и на недостатокот на кадар со години, па наместо потребните 250, судовите во Македонија ги обезбедуваат само 180 полицајци.

Инаку минатата недела протестира и затворските полицајци, кои побараа државата да ги заштити. На протестот претходеше палењето на автомобилот на командирот во затворот „Идризово“. Вината за тоа ја префрлија на затворениците, кај кои два дена претходно беа запленети 50-тина мобилни телефони, ножеви, дрога и оружје. Затворските полицајци побараа прием кај Тупанчевски, во спротивно се заканија со протести.

Викторија Миткова

Поврзани вести