Протест на опозицијата во Белград со слоган „Стоп на крвавите кошули“

Во Белград во организација на опозицијата синоќа се одржа протест под слоганот „Стоп на крвавите кошули“. Повеќе илјади граѓани прво се собраа на платото пред Филозофскиот факултет каде им се обрати актерот Бранислав Трифуновиќ, по што без инциденти се прошетоа до Народното Собрание и Радио Телевизија на Србија.

Како што беше најавено, на протестот немаше партиски обележја, а беа присутни и водачите на поголемиот дел од опозицијата – Драган Ѓилас, Бошко Обрадовиќ, Борко Стефановиќ, Зоран Лутовац, Блаша Божовиќ, Никола Јовановиќ и Мирослав Алексиќ.

На чело на колоната, предводена од лидерите на Сојузот за Србија, и јавните личности-актерите Мирјана Карановиќ, Бранислав Трифуновиќ, Никола Којо, кошаркашкиот тренер Душко Вујошевиќ, се носеше голем транспарент “Стоп на крвавите кошули”, проследени со повеќе „добошари“.

Учесниците на протестот дуваа во пишталки и извикуваа „Партија напредна“, „Излезете надвор”, „Нема да се извлечете” „Отворете ги медиумите“ и др.. По Собранието, протестната прошетка продолжи до зградата на Радио-Телевизија Србија, каде што учесниците извикуваа “уа” и дуваа силно во пишталките. Протестот заврши на Плоштадот на Републиката во најстогиот центар на Белград, со пораката „Ова е почеток на крајот, Србијо“.

На протетот говореше само актерот Бранислав Трифуновиќ, кој испрати порака до Александар Вучиќ дека ќе биде заборавен и дека ќе мора самиот да избере како тоа ќе се случи, додавајќи дека вечерва на протестот “има многу глави за кршење”.

“Г-дин Вучиќ, вечерва ќе треба многу да се намачите”, рече Трифуновиќ.

„Мило ми е што сте тука, а не на Твитер и Фејсбук. Важно е да сфатите дека оваа борба не може да се води со палецот, туку со нозете, рацете и грлото – рече Бранислав Трифуновиќ во обраќањето до насобраните граѓани.

Причината за протестот на опозицијата е нападот на лидерот на српската левица, Борко Стефановиќ, на 23 ноември во Крушевац.