Протест на одгледувачите на овци пред МЗШВ

50 одгледувачи на овци денеска излегоа на мирен протест пред Министерството за земјоделство. Револтирани тврдат дека поради прениските субвенции се на работ на егзистенцијата, а бројот на овци од година в година се намалува. Бараат субвенциите да се зголемат и да почнат редовно да се исплаќаат, бидејќи, во спротивно за 3 години во Македонија ќе нема овци. Побараа Владата да ја зголеми финансиската поддршка за 50% и да ја субвенционира ниската откупна цена, која не ја покрива производната.

Сега, одгледувачите на овци земаат 1000 денари субвенции и дополнителни 700 денари за оставено женско јагне, но велат тоа не е доволно бидејќи во соседството оваа гранка е приоритет, владината поддршка е поголема, па конкуренцијата ги уништува македонските производители.

Од Министерството за земјоделство каде денеска се одржа состанок со одгледувачите на овци, пак велат дека се отворени за сугестии, но и дека го зголемиле буџетот за субвенции за предадено овчо млеко за половина денар, за набавка на приплоден добиток, а повеќе пари ќе имало и за овчарите со поголем потенцијал за развој. И додека одгледувачите на овци чекаат на поголемата поддршка, тврдат дека и покрај тоа што официјалната бројка е 750 илјади, реално во Македонија има едвај 400 илјади овци.

Тања Попова