Протест за спас на спортското игралиште во ООУ „Киро Глигоров“

Стотина родители од скопски Капиштец денеска протестираа против издавањето на спортското игралиште во основното училиште Киро Глигоров. Родителите и локалните жителите се револтирани од ваквата одлука на дирeкторката, која, без да ги консултира или информира, уште минатата година одлучила игралиштето да го издаде под времен закуп на приватната фирма „Форца“, а таквата одлука не ја обелоденила. Родителите затечени, на протестот излегоа со 4 барања, помеѓу кои е раскинување на договорот. Велат, нема да дозволат да се распродава имотот на училиштето за некој да си прави приватни бизниси.

– „Шест метра ограда и одозогора мрежи. На што ќе личи на отворен простор кафез да се става, метална ограда. Тоа ни е проблемот. Да се остави училиштето на раат. Ако има проблеми со струјата, да го бараат тој што го предал објектот и потпишал дека е енергетски ефикасен, тој нека го бараат, тој е одговорниот“ – Изјави родителката Билјана Петровска

За решението се против и учениците. Велат сакаме да си играме и после часови.

– „Ако нашиот училишен двор биде земен, нашето детство ќе се уништи, само за да се отвори ресторан тука. Некако не е по план. Никој не е среќен.“ – Истакна ученикот и претседател на училиштето, Огнен Јанковски.

Директорката Билјана Билбилоска и натаму е недостапна за да даде одговор зошто го турка проектот и покрај револтот на родителите. И вчера и денеска Алфа повеќе-пати се обиде телефонски да ја контактира, но таа не одговара на нашите повици.

Во договорот до кој стигна Алфа, може да се забележи дека училишниот двор се издава под наем на 5 години, а од приватната компанија се бара почетна инвестиција од 10,000 евра за шест метарска метална ограда и вештачка трева, голови и рефлектори. Дополнително, корисникот треба да плаќа и закупнина во износ од по околу 10 евра за еден час. Нејасно е како преку овие примања училиштето планира да ги покрие трошоците за електрична енергија, за која родителите тврдат дека изнесувале над 700 илјади месечно, иако училишниот објект се промовираше како енергетски ефикасен.
Од општина Центар, иако надлежни, упатија на одговори кај директорката на училиштето. Сепак нагласија дека не гледаат ништо спорно што игралиштето се издавало, оти тоа било пракса и во други образовни институции.

Новинар: Никола Цветкоски