Протест за изгорената модуларна болница, овој пат во Скопје
Револтот на семејствата чии блиски роднини живи изгореа во тетовската модуларна болница, од Тетово, се премести во Скопје. На протестен марш, од плоштадот Скендербег тие се упатија кон основното јавно обвинителство, каде побараа правда, како и отворање на нов судски предмет за причините за пожарот, во кој на обвинителна клупа ќе седнат и владини претставници
- „Животот на граѓаните во држава е заложник на пазарење и тендери без критериуми. За материјална корист. Се докажа дека корупцијата убива. 14 жртви нула дена затвор. Како семејство бараме разрешување на главниот обвинител Љубомир Јовевски, заедно со другите обвинители.“ – Порачаа семејствата.
Од протестот порачаа и дека обвинителството е гнездо за организаран криминал, зло и олигархија и додадоа оти обвинителите биле инволвирани во прикривање на делото. Семејствата на загинатите во трагедијата се незадоволни од епилогот на судскиот процес во кој условна казна добија директорите Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, а правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.
Во меѓувреме, обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција сè уште води предистражна постапка во врска со тендерот за набавка на модуларните болници. Трагедијата во модуларната Ковид болница во Тетово во која загинаа 14 луѓе се случи пред две години на 8 септември, денот кога Македонија одбележуваше три децении независност.
Никола Цветкоски