Протест во Скопје против аерозагадувањето

Парите за велосипед ги потрошивме на инхалатор, ставете налепници на тешката индустрија, четворица дневно умираат чекајќи чист воздух беа само дел од транспарентите кои група на незадоволни граѓани ги држеа на денешниот протестен марш за чист воздух и борба против аерозагадувањето чија рута беше од Собранието до Владата на Р.Македонија.
Организаторите на протестот велат не задоволни се од работата и мерките кои ги превземала владејачката гарнитура, и одговорноста ја лоцираа кон Владата и Собранието,односно како што велат неспособноста на овие две институции. Тие особено потенцираа дека 1,5 милиони евра за борба со загадувањето не се доволни и порачаа дека повеќе се исплаќаат пари за патни трошоци за пратениците, отколку за справување со овој сериозен проблем.
Учесниците на протестот алармираа дека високата концентрацијата на ПМ 10 честички измерена во последниот период, со што Скопје беше рангиран како најзагаден град во светот, предупредува дека ако не се преземе ништо таа бројка ќе расте. Тие упатија и барање до владата за свикување итна владина седница поради алармантната состојба со квалитетот на воздухот и вклучување експерти за решавање на проблемот.
На протестот говореа и загрижени граѓани, дел од нив побараа оставки од министрите кои се надлежни за овој ресор.
Иницијаторите оставија можност ваков протест да се одржи и идната сабота.

Meри Ѓорѓиевска