Протест во ЗК „Пелагонија“, им доцни февруарската плата

Дел од јануарската плата што не е исплатен и доцнењето на февруарската плата, денеска ги поттикна вработените на ЗК „Пелагонија“ да излезат на мирен протест. Иако ова не се преголеми рокови за доцнење на платите, недовербата кон менаџментот и другите надворешни случувања околу оваа најголема компанија во македонскиот агро-бизнис и нејзините сосптевници, беа силен мотив по втор пат за два месеца да штрајкуваат.

  • Втор штрајк поради двете неисплатени плати, затоа сме собрани на еден мирен протест – рече Дејан Јанкуловски.
  • Да ни кажат дали бидува од Комбинатот или не. Сите сме по шеесет години и секој ден ако вака правиме и секој месец, не е начин на работа – рече Александар Ризовски.
  • Седумдесет отсто се сите како мена, а јас имам четири стентови и четири илјадарки не ми стигаат за лекарства. Со кој пари ќе ги купам? – запраша Владо Матлиовски.
  • Треба да дојде газдата и да каже дали ќе дава плата или не. Затоа, да идиме на работа или да не идиме – рече Владе Стојчевски.

Од менаџментот на компанијата рекоа дека плата ќе има, за што, се договорија со синдикалните претставници, а задоцнувањата произлегоа поради сезонскиот карактер на работата и големите трошоци, пред се, за обезбедување на репроматеријали за пролетната сеидба.

  • Денеска се држеа преговори со Синдикалниот одбор и договорено е со менаџментот на синдикатот и договорено е, платата да биде исплатена денес или најдоцна утре. Сите активности во производствениот процес досега се одвиваат нормално, есенската сеидба е во целост завршена, набавени се семенски материјали и комплетно репроматеријали за пролетната сеидба, што дава индиција дека Комбинатот оди во добра насока – рече Павле Цветановски, финансов директор.

Најголемиот производител на храна во Држвата со петстотини вработени, има вложувања во големи развојни проекти со кредитни задолжувања во банките од околу 23 милиони евра. По блокадата на сметките, пред два месеца, постигнат е стенд-стил договор со сите доверители и во предвидените рокови се подмируваат обврските, велат од менаџментот на оваа компанија.

Петар Стефановски