Протестот во северна Митровица помина мирно, Србите објавија прекин на врските со Приштина

Протестот на косовските Срби во северна Митровица, организиран поради таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија, што ја воведе Владата на Косово, помина мирно и без инциденти.

Според извештаите во медиумите, на протестот присуствувале неколку илјади граѓани, главно жители на северниот дел од Митровица, а на учесниците им се обрати градоначалникот на таа општина Горан Ракиќ.

Тој објави дека, заедно со градоначалниците на уште три општини со мнозинско српско население во северно Косово – на Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ – поднеле оставки на функциите и ги прекинуваат сите односи со властите во Приштина, сè до повлекување на одлуката за такси кон Србија.

– Сакаме да испратиме јасна порака до медиумите, Приштина и Брисел дека овие протести се мирни и не би сакале кој било да ги вади од контекст, рече Ракиќ, нагласувајќи дека „од денеска не функционира ниеден приштински систем“ во северно Косово.

Извори од косовската полиција во изјави за медиумите потврдија дека на денешните протести немало никакви инциденти.