Протести против Договорот од Преспа во Атина

Инциденти и хаос во Атина на протестот против ратификација на Препанскиот Договор. Атмосферата на тензично ниво ја кренаа маскирани припадници на екстремно десничарски групи кои со камења, предмети, шишиња, боја и пиротехнички материјали ја нападнаа полицијата. Насилните демонстранти на плоштадот Синтагма се разбиваат со шок бомби и солзавец.

“Македонија е Грчка” и “ Референдум сега” – се пораките кои се испраќаат директно од пред зградата на грчката Влада и Парламент. Заедно со граѓаните се голем број свештени лица, политичари а поставена е и бина каде говорници се обраќаат пред народот.

Протестите ги поддржува и најголемата опозициска партија во Грција, Нова Демократија, а присутен е и поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, кој порача дека ова се демонстрации на демократијата. Тој е против било какви преговори и силен противник зборот Македонија да се содржи во името.

  • Ова е демонстрација за демократијата, за Грција, за нашата правда. И сите луѓе кои се над партиите веруваат во тоа многу години и сега продолжуваат да го покажуваат, изјави Самарас.

Граѓанските организации изминатите денови ја интензивираа кампањата на социјалните медиуми за да соберат што повеќе демонстранти. Сепак денеска грчката полиција излезе со соопштение дека имало околу 60 илјади лица, што е значително помала бројка за разлика од минатогодишниот протест. Според официјалните информации во Атина денеска пристигнале вкупно 326 автобуси од цела Грција.

Се протестираше и на грчко македонската граница. Околу 150 граѓани од Кукуш со 15 трактори неколку часа го блокираа и авотопатот.

Сепак ова не го спречува процесот за имплементација на Преспанскиот Договор. Од утре се очекува да влезе во собраниска процедура.