Протести за одбрана на спортското игралиште на ООУ Киро Глигоров

Се уште мириса на ново, а започна да се отуѓува. Основното училиште Киро Глигоров во скопската населба Капиштец ги затвора вратите за слободна рекреација за младите надвор од училишниот процес. Помпезно најавуваниот проект за модерното игралиште кое е дел од оваа образовна институција ќе добие приватник газда. Директорката на училиштето донела одлука игралиштето да го издаде под времен закуп на приватната фирма „Форца“.

Наместо слободно да го користат, учениците и локалните млади по 18 часот ќе можат да го користат игралиштето но само доколку за тоа плаќаат. Родителите револтирани, реагираат и бараат одговори зошто игралиштето наместо за нивните деца, се издава на приватник. За утре најавуваат и протест.

  • „Игралиште кое реално е слободно, за учениците за граѓаните, за жителите на Капиштец, сакаат да му стават клуч на врата. Игралиште за децата да си играат, на таа возраст, од 10 години до 14 години, чекаа 40 години. До 18 часот ќе може да влегуваат во заградениот простор, под надзор на вработен од „Форца“, а после 18 часот, децата наши имаат попуст, ако сакаат да се зачленат. Ако не, може да ги гледаат другарите како играат.“

Од Алфа се обидовме да ја исконтактираме директорката телефонски, по меил, и лично, во нејзината канцеларија, а од таму добивме само изговори, но не и одговори. Од Општина Центар под чија надлежност е училиштето признаваат дека игралиштето ќе биде оградено и пристапот до него ќе биде ограничен, но се правдаат дека ова не било единствен ваков пример.

  • „Општината смета дека давањето под наем на игралиштето не го ограничува движењето и пристапот на учениците и жителите до игралиштето, пред се дека не е прв ваков случај во градот“ – Велат од општината.

Никој не открива детали од договорот и колку ќе биде месечната закупнина која ќе се плаќа. Од фирмата „Форца“ која го зела под наем игралиштето, пак, ни кажаа дека со ова ќе биле обезбедени подобри услови за сите. Училиштето, со капацитет од 250 ученици, почна со работа во септември 2019-та.

Новинар: Никола Цветкоски