Протестите сега биле идентични со 27-ми април- дали власта ги заплашува граѓаните кои протестираат?!

Дали власта се обидува со закани и притисоци да го обесхрабри народот да протестира против францускиот предлог? Ова прашање се поставува откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, протестите што веќе 8 дена се одржуваат во Скопје, ги спореди со настаните од 27-ми април, за кои 15 луѓе првостепено беа осудени на 211 години затвор, казни кои подоцна Апелација ги намали симболично, по една или две години кај секого.

-Тие кои што повикуваа да се влегува во Собранието, да се руши насилно институцијата итн, тие си сега комотни, одмараат, тие кои што влегоа по нивно нагодување денеска се во затвори. Затоа викам ова да не го правиме, значи настаните од 27-ми мора да ни бидат поука. Инаку, ако гледаме по методологијата на активности, 27-ми април и ова што се случува сега идентично е, изјави Спасовски.

Спасовски не е единствениот од СДСМ, кој овие протести против францускиот предлог ги спореди со 27- ми април, истото партиската говорница го направи и портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

-Насилници маскирани со качулки, со камења, шишиња, молотови коктели вчера ја нападнаа македонската полиција, во обид да го повторат упадот во Собранието од 27 април. По синоќешните инциденти, мора да следува одговорност од сторителите, но и од организаторите и од оние кои го поттикнуваа насилството, изјави Каевски.

Сомнеж дека власта со притисоци се обидува да ги прекине протестите се и казните кои СВР Струмица ги пиша за најавените опозициски блокади на повеќе патишта. Иако блокадата беше во знак на протест, полицијата тогаш напиша казни во висина од 35 евра за паркирано возило и 50 евра за движење на пат за учесниците во тој протест. За ваквиот потег реагираше опозицијата.

-Луѓето кои го блокирале патниот правец Струмица – Радовиш ниту се движеле непрописно, ниту паркирале непрописно, тие протестирале и го остварувале своето право на протест загарантирано со чл. 21 од Уставот. Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба, гласи членот 21 од Уставот кој власта го прекрши, изјави Панова.

Инаку, граѓаните веќе се денови масовно и гласно кажуваат не за францускиот предлог за ставање крај на спорот со Бугарија и одржување на прва меѓувладина конференција за Македонија со Европската Унија.

Матеја Петровски

Поврзани вести