Пропадна 5 часовната средба меѓу приватните превозници и Град Скопје, автобусите нема да возат

Приватни автобуси ќе нема и утре. Нема договор меѓу Град Скопје и приватните превозници кои не возат на градските линии 9,12, 23 и 45. На 5 часовниот состанок меѓу претставниците на „Слобода превоз“ со секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров, им било кажано дека Градот немал пари да им го подмири долгот од еден милиони евра, ниту пак пари за тековно работење. Им рекле да почекаат до Нова година за да се предвидат пари за нив во новиот буџет.

  • Иако состанокот беше напорен и траеше толку долго за жал не можам да кажам дека се договоривме за нешто конкретно. Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума заради тоа што ребалансот на буџетот сеуште не е поминат и единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури после 40 дена со новиот буџет, изјави Јовановски по средбата со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.

Јовановски додава дека покрај градските линии, веќе од утре да не возат селските автобуси 11, 47, 55, 61, 63 и 73. На овие линии нема автобуси на ЈСП, а граѓаните целосно ќе бидат отсечени од градот.

  • Не најдовме никакво решение. Не само што немаат пари за долгот, туку ни рекоа дека не можат да ни плаќаат и за тековно работење односно да ни се исплаќаат пари за да ставиме гориво. Не добивме никакви гаранци ниту пак одговори зошто не ни се префрлаат парите кои секој ден се прибираат од продадени билети, месечни карти и студентски карти. На градските линии нема да возиме ниту утре, а за приградските наелби дополнително ќе одлучиме, вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.

Градоначланичката пак тврди дека нема долгови кон приватните превозници, туку, како што вели обиди за политизација на целата работа. Данела Арсовска на прес-конференција тврдеше дека долговите додека таа е градоначалничка се исплаќаат, а за тоа на прес-конференција попладнево наведуваше и конкретни бројки за последните шест месеци.

  • Од 1.6.2022 година до овој момент исплатени се 111 милиони денари од вкупно фактурирани 120 милиони денари обврски кон „Слобода превоз“. Што се однесува до „Макекспрес“ од истиот датум има фактурирано 44 милиони денари и сите тие се платени. Затоа ги повикувам претставниците на ’Слобода превоз‘ и ’Макекспрес‘ овие протести што ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ чиишто директори ги генерирале долговите што сега тие сакаат да го претставуваат како неуспех на градското раководство и на новото раководство на ЈСП кое ги решава проблемите и сите долгови што се изгенерирани изминатите години, рече Арсовска.

Приватните автобуси во јавниот сообраќај учествуваат со 200 автобуси, бидејќи ЈСП „Скопје“ нема доволно автобуси да ги покрие сите линии.

На 8 ноември градоначалничката Данела Арсовска го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ кој престана да вози оти Градот му должи пола милион евра и не им плаќа. На 20 октомври Скопје за првпат во историјата остана без јавен превоз, не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“ оти вработените немаа земано плата.

Колапсот на јавниот превоз се случува во првата година од мандатот на Арсовска, која изборите ги доби токму со ветувањата за брз, модерен, еколошки и бесплатен автобуски превоз за сите граѓаните.

Борис Грујоски

Advertisements