Промоција на новиот роман на Давор Стојановски – „Утеха на голите“

Издавачката куќа „Или-или“ вечер од 20 часот во „Менада“ во Скопје ќе го промовира „Утеха на голите“- третиот роман на Давор Стојановски, чиј претходен роман „Собирачи на пепел“ ја доби наградата „Роман на годината“ за 2016 година.

„Утеха за голите“ е роман во кој изгубената љубов се испреплетува со неостварената и несретнатата љубов. Според промоторот Душко Крстевски, и во новиот роман Стојановски до совршеност ја има донесено економичноста на реченицата.

-Нема ниту еден излишен збор во неа. Јазикот е едноставен и за читање и за превод. Бавноста и сигурноста на неговиот збор го прават делото преполно со слики што не се гротескно или барокно накитени со метафори и парадокси. Јасен текст кој пополека ве заведува да го читате. Зборовна сласт на секоја страница, наведува промоторот.

Давор Стојановски (Скопје, 1987) дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Неговиот прв роман, „Ненасловена месечева соната“ во 2013 година влезе во потесен избор со четири други романи за наградата „Роман на годината“ на тогашниот „Утрински весник“, а ја освои по три години со вториот роман „Собирачи на пепел“. Двата романи му се преведени и објавени на бугарски јазик.

МИА