Промоција на книгата “10+1прашање и одговори за македонското прашање”

Вечерва во Скопје е промовирана книгата “10+1 прашања и одговори за македонското прашање”. Авторите, Костис Карпозилис и Димитри Христопулис, кои пред неколку месеци книгата ја промовираа во Атина, вечерва во Скопје се обидоа да ја “демистифицираат перцепцијата” на грчка страна и негирањето на македонскиот народ и држава, низ историски и политички контекст.

” Македонците во Грција мораа да платат многу висока цена бидејќи само на тој начин можеа да станат Грци. На ова Грците одговараа дека само преку страдање “можете да станете како нас”, рече Христопулис објаснувајќи го процесот на асимилација на другите заедници во Грција.

Промотори на книгата се професорот Љубомир Фрчкоски, пратеничката Ирена Стефоска и Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

Книгата во Атина беше објавена во момент на политичка напнатост околу преговорите и потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција за компромис околу деценискиот спор за името на земјава.