Промовирани две драми од академикот Витомир Митевски

„Матица македонска“ денеска промовираше две драми од академик Витомир Митевски, кој е научник во областа на класичните студии и античката филозофија. „Плениците на Сатанаил“ и „Прличев – сценски приказ на поетовата судбина“ се негови единствени драмски дела кои ги напишал пред повеќе од 40 години.

Промоторите Блаже Миневски и Паскал Гилевски истакнаа дека иако Митевски ги пишувал во своите 20-ти години, двете драми го претставуваат како зрел драмски автор и дека во изминатите децении тој требало да ги понуди за сценска изведба.

Драмите ги пишував за себе. Никогаш не ги понудив за сцена – рече авторот Витомир Митевски, кој дипломирал филозофија и класични студии, а докторирал за поезијата на Прличев и Хомер.

Драмата „Плениците на Сатанаил“, првпат објавена пред пет години по повод илјада години од пропаѓањето на Самоиловото царство, раскажува за богомилството во времето на Цар Самоил и го обработува филозофскиот проблем на злото во светот и нашиот однос кон него. Според една реплика во книгата, промоторот Миневски ја нарече „драма за добиените војни кои чинат повеќе од изгубените“.

Поентата на книгата е во завршниот монолог на Самоил, дека само стремежот кон доброто е она што навистина е наше: „Борбата за доброто ни е дадена како најголемо добро. Оној што се бори и сиот живот се стреми кон доброто, тој ја постигнал својата цел“.

Драмата е динамичен мозаик од настани кои се случуваат во и околу Самоил во клучните години на неговото владеење. Главната нишка на приказната минува низ вечната борба меѓу доброто и злото односно што е добро, а што е зло и како официјалната верска практика и алтернативното духовно движење ги објаснуваат принципите на верата и вербата – рече Миневски.

Претставувајќи ја драмата за Прличев, која Митевски ја напишал, главно, врз основа на мотиви од Автобиографијата на охридскиот преродбеник, промоторот Паскал Гилевски рече дека е убаво литературно изненадување од повеќе аспекти.

Ненадејно откритие – прво затоа што делото е напишано во 1976/1977 година, а е објавено минатата година, а второ бидејќи е напишано мајсторски – и во содржински, и во стилски поглед, што зборува за автор кој одлично ја познава технологијата на драматургијата, со одлично водење на дрмаското дејство, пред сè со природните, одлични дијалози, рече Гилевски.