Промена на името: Преспа виа Шутка

Она што го договорија во Преспа, не го реализираа преку референдумот, ама затоа си обезбедија пратеници за гласање на уставните измени. Си пружаа рака, со насмевка договорија прекрстување на Македонија ама сега на ред е исполнувањето. Краен рок до средина на јануари – затоа тајмингот мора да се запази.

За помалку од една недела обезбедени 80 пратеници, ниту помалку ниту повеќе првообвинетите од собраниските настани. Осуммина со тешко изговорени „ЗА“ и голем судски товар на грб. Ослободувајќи ги од притвор за гласањето власта си „купи“ опозиција по своја мерка.

Текстот на уставните измени беше непријатно чувство за граѓаните, уверуваше премиерот. Затоа во тајност стокмен изгледот четирите амандмани – промена на уставното име, прекројување на Преамбулата, грижа за дијаспората и гаранција на границите. Експресно, без многу натегања владејачкото мнозинство си гласа менување на Уставот кое сега е во последна фаза.

Ниту алармите на опозицијата дека се врши обид за тргување со слободата на пратениците не беа слушнати. И Обвинителството остана глуво по допрен глас за евентуален поткуп на пратеници.

Најцрно сценарио за погазување на демократија во Македонија, е оценката на стручната фела за процесот кој ја одбележа годината која изминува.

На чекор сме до добивање на новото име на државата – Северна Македонија. А ништо помалку не е поштедена ниту историјата – документите кои ги покажуваат корените на македонската државотворност се бришат – наместо Манифестот се впишува Прогласот, ама за цена на тоа се додава и Охридската рамка.

За албанските политички чинители отворањето на македонскиот устав е шансата која не смее да се пропушти за да си ги вметнат и своите барања.

Ако докрај се изоди патот до менување на македонскиот Устав каде носечки столб е токму Манифестот од заседанието на АСНОМ оддржано на 2 август 1944-та кој ќе биде избришан, ниту историските учебници веќе нема да сведочат за тешкиот македонски пат до слободата…

Но гласањето на уставните не значи и крај на имплементацијата на Преспанскиот договор. Долга е листата која треба да се исполни, а за кое Заев и Димитров се согласија во Нивици. Од целосно менување на имињата на државните институции, до до менување на личните документи, законски акти, трговски марки.. Ќе се менуваат и работи за кои Владата се испазари а воопшто не беа ниту предмет на преговори низ годините – се откажуваме од топонимите. Ќе се преименуваат споменици, ќе се елиминира Сонцето од Кутлеш и ќе се прави ревизија на историјата.

2019- ќе го носи истиот товар од нејзината претходничка – уште една година на најтешки политички превирања, менување на уставно име но и избори. Претседателски сигурно, но се уште неизвесно дали и предвремени парламентарни.

Ивана Соколовиќ Најдова