Производителите бараат ЕСМ да биде поажурна во склучувањето договори за поевтина струја

Поевтинувањата на прехранбените производи од декември ќе почекаат. Фирмите кои уредно аплицирале за поевтина струја, не добиле повратен одговор од државните електрани за да склучат договор – тврдат од Сојузот на стопански комори. Ако за само неколку дена не се случи чудо, компаниите нема за пет дена да добијат струја од 80 евра за мегаватчас. Апелираат службите на ЕСМ да бидат поажурни во обработката на барањата.

Ако фирмите не добијат субвенционирана струја од први декември, со сегашните берзански цени на струјата од околу 300 евра, министерот Бектеши не треба да очекува поевтинување на основните производи – велат од ССК. Ако Владата реши да ги замрзне цените, сè ќе зависело од тоа на кое ниво тие ќе се ограничат. Ангелоски вели дека пикот на инфлацијата е достигнат, па драстични промени нагоре не би требало да има.

Владини претставници во повеќе наврати истакнуваа дека очекуваат цените на лебот, млекото, месото и сувомеснатите производи, маслото за јадење да поевтинат за околу 10% во декември. Министерот Бектеши информираше дека мали поевтинувања веќе имало. Сепак, граѓаните никаде не забележаа пониски цени и очекуваат поголемо намалување на цените, бидејќи инфлацијата им ги испразни џебовите. И додека Владата се заканува со засилени инспекции и замрзнување на цени, прехранбените компании веќе најавија дека евентуални минимални поевтинувања може да има дури по Нова Година.

Тања Попова

Advertisements

Поврзани вести