Проектот за спас на Преспанското Езеро – Неизвесен, Владата сака да ги повлече средствата ?!

  Додека нашето второ по големина природно Езеро, Преспанското, со години е во загрижувачка еколошка катастрофа и, и буквално дише на шкрги, Владата сака да ги повлече средствата за спас на ова македонско богатство, стравува градоначалникот на Ресен, Јован Тозивески. Според неговите сознанија, 84-те милиони денари, кои општината ги имала како наменски средства за спас на Езерото, како и изготвената нова техничка документација, можно е да паднат во вода.

„Нашите последни информации се дека Владата, покрај тоа што не’ уби со струјата, со кратењето на блок-дотациите, со кратењето на ддв-то, сега и наменските средства за спас на Преспанското Езеро за Ресен, ќе биле повлечени. Се надевам дека грешам. A за Дојран пак, од друга страна, би биле оставени што би било жалосно и погубно, зашто Преспанското Езеро не е ниту мое, ниту ваше, туку е на цела држава. Јас би очекувал дури и да го надградиме тој фонд, а не камо ли да го укинеме“, – вели Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.

  Но, независно од ова можно погубно сценарио, Тозиевски уверува дека тие како нова локална власт веќе имаат проекти за изградба на седум нови пречистителни станици, пришто едната во Перово, деновиве веќе требало да влезе во тендерска фаза и тој очекува дека за краток временски период така прочистените води би завршувале во Преспанското Езеро. 

 На долгогодишната негрижа за Преспанското Езеро, се’ побројни се и реакциите на граѓаните, особено на социјалните мрежи каде споделуваат и загрижувачко-тажни фотографии од актуелната состојба.

„Приоритет се барањата на Бугарија, а не на Преспанското Езеро“, „Овие државата ја уништија, па Преспанското ќе го спасат“, „Со години сме оделе во убавата Преспа. Жалосно“, „За да се зачува Преспанското Eзеро, треба да се има љубов кон татковината. Од нашите политичари имаме се’, освен љубов. Распродавај само, а не сочувај. Тажно“, – се само дел од нивните коментари.   

  Инаку, според познавачите на состојбите, нивото на Езерото е спуштено дури за 2,5 до 3 метри под критичниот минимум, па следствено на тоа, и ендемскатафлора и фауна е значително изменета, односно нејзиниотопстанок во Eзерото сериозно бил загрозен.Целото крајбрежје е обраснато од 80-90 посто со трска, а Министерството за животна средина не давало дозвола за нејзино уништување. Водата на некои места, во зависност од конфигурацијата и местополжбата, е повлечена дури и до 3 километри, што од поодамна е црвен аларм дека на Преспанското Езеро му треба итно и неодложно спасување.

Каролина Дурло