Проекти има владини пари нема: Македонските власти ги игнорираат Македонците во странство

Македонските малцинства без никаква поддршка од македонските власти, таков е примерот и во Србија, не само во Бугарија и Грција, каде Македонците воопшто не се признаени. Претседателката на македонското здружение Кочо Рацин од Белград, за Алфа вели дека имаат голем број проекти, за промоција на Македонците во Србија, но за тоа никаква помош не добиваат од македонската Влада, иако аплицирале многу пати.

-Сме конкурирале Министерство за култура, сме конкурирале и во Агенцијата за иселенеци. Меѓутоа на крајот се сведува, никогаш да не ни одобриле за ниту еден проект, ниту еден. Последниот проект јас лично сум го поднела Министерството за надворешни работи и сум барала историја, култура, поезија на Велес и Кочо Рацин, бидејќи го носиме името на Кочо Рацин, меѓутоа ни тоа не ни го одобрија, изјави за Алфа Лидија Демниева, претседателка на македонското здружение „Кочо Рацин“- Београд.

Демниева вели дека разочараноста од централата во Скопје веќе и ги одвраќа од намерите воопшто и да се трудат да нудат и подготвуваат проекти.

-Губиш и желба да бараш кога се сфатиш дека никој не ги почитува нашите барања. И вие губите силно време, доаѓате, плаќате карти, носите во Македонија, проверувате викате и на крај од сето тоа нема ништо. Тоа е многу лошо, изјави Демниева.

И не е само игнорантскиот однос од македонските власти на тема нивното делување во соседството, нашите здруженија во Србија ги револтира и фактот што не се прашани за ниедна клучна одлука на македонската надворешна политика. Како за промената на името, така и за сегашните проблеми со Бугарија.  

-Еден добар дел на луѓе се многу разочарани со политичката состојба во Македонија, односот према нас Македонците и воопшто односите со Бугарија. Ваков однос со Македонците не допринесува добро ниту за Македонците во Србија, статусот ни е потполно згрозен, што да мислат за нас, изјави Демниева.

Слична е состојбата и со Македонците од другите соседни земји. Јоргос Пападакис, Македонец, новинар од Грција, во разговор за Алфа кажа дека тие како Македонци воопшто не биле консултирани кога се потпишувал Преспанскиот договор.

-Немаше дури ни волја од македонската Влада тоа да го направат, тоа го видовме во текот на преговорите за Преспанскиот договор, никогаш не беше споменато македонско малцинство или македонскиот јазик во Грција. Ние бевме надвор од целата таа приказна, изјави Пападакис.

Проблем во остварување на своите права како Македонци имаат и нашинците во Бугарија. Првиот човек на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стоков, вели дека страшно е што македонската власт се откажала од Македонците во Бугарија.

-Она кое што е многу вознемирувачко е дека пак доаѓа до израз една страшливост на македонската Влада. Ако може да направиме некоја изјава да не се налути Бугарија. Мислам со таков приод далеку не може да се стигне. За нашето малцинство да биде признаено му требаше поддршка од некаде, за жал нашето малцинство, иако ние не сме малцинство што припаѓа на бездржавен народ, какви што има во Европа, за жал ние сме малцинство што нема држава зад себе, изјави Стојко Стојков.

После долги години конечно македонски политичар беше во посета кај македонското малцинство во друга земја. Министерот за надворешни работи беше кај нашинците во Албанија, каде малцинството ни е признаено. Се поставува прашањето дали можеби ќе некогаш претставник на македонската власт ќе замине кај Македонците во Грција и Бугарија, каде што не признаваат дека има Македонци во нивните земји.

Матеја Петровски