Проектантот на „Беласица“:Не може да се третира како оштетувањето на мостот да е мало и безначајно

Додека градските власти уверуваат дека дека мостот „Беласица“ има мали оштетувања  – проектантот на мостот Вукан Њагуљ алармира дека оштетувањата треба да се третираат многу сериозно и дека се потребни итни детални испитувања и пресметки. Инженерот посочува дека не станува збор за обични оштетувања како што се корозија или пукнатини, туку за сосема друг тип на оштетување и затоа се потребни прецизни податоци за квалитетот на материјалите на мостот.

“Кога бев на мостот добив впечаток дека она што го видов бара многу посериозен пристап отколку што мислев. Тоа е мое мислење, мој впечаток. Мостот, според мене, не може да се третира како оштетувањето да е мало и безначајно, едноставно затоа што не се знае какво е. Мора да се направи многу детално испитување. Не само визуелно, туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски”, истакнува Њагуљ во интервју за МИА.

Според неговите проценки постои можност да се оштетени продолжните кабли на главните носачи на мостот.

„Не оштетени како челик, туку оштетени во однос на нивната носивост. Ако челикот се прегрее, ги губи карактеристиките што ги има, вклучувајќи ја и силата во него, со што се намалува сигурноста на мостот до некоја мера и се менува напрегањето во конструкцијата“, објаснува Њагуљ во интервјуто.

По пожарот мостот е затворен за сообраќај, а во врска со ова прашање, градежниот инженер вели дека има решение, но, додава, оти тоа е тешко изводливо. Негово лично мислење е дека можеби може да се дозволи некој вид контролиран пешачки сообраќај, но и тоа носи со себе одреден ризик. 

Од Град Скопје не добивме одговор дали и како ќе реагираат по алармот на проектантот Њагуљ.

Инаку, пред само шест дена скопската градоначалничка Данела Арсовска тврдеше дека оштетувањата на мостот „Беласица“, се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот, без притоа да наведе извор на кој ги темели ваквите тврдења. Таа не кажа ниту кога ќе биде пуштен повторно во функција.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста