Продолжува уништувањето на трската на охридското крајбрежје

Цели осум години не се извршени никакви истражувања, испитувања и анализи на трската вдолж целото крајбрежјето на охридско-струшкиот регион. Секојдневно во заштитените зони на природна реткост се пали трската и се тампонира езерскиот појас – крајбрежето на Охридско езеро се претвора во градежно приватно земјиште.

Укажувањата на природонаучниците не допираат до владините институции и раководни тела.
– Испративме писма до Владата и ресорните министерства, вели д-р Марина Талевска, потенцирајќи дека на 8-ми март проблемот го изложиле и пред Републичката комисија на Унеско. Заклучоците и одлуките кои биле донесени, не се почитуваат.

Доктор Талевска кажува дека последните мерења на трската се направени во 2011-та година, но тие податоци повеќе не се веродостојни, бидејќи трската масовно се уништува. Уште тогаш дадовме препораки и предложивме мерки на заштита, додава таа, но нема реакција од надлежните институции.

Уништени се природни мрестилишта на голем број риби, како и гнездилишта на птиците но она што загрижува е загадувањето на езерските води. Трската е природен филтер кој ја чисти водата, а со нејзино уништување огромна е опасноста од загадување на Охридското езеро.

Росица Голабоска