Продолжува драмата во Судски Совет – констатирани две оставки

Препирањата меѓу членовите, незаконското и нетранспаретно постапување во судскиот совет биле причините за оставките на Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски. Едногласно, Советот го прифато заминувањето на двајцата судии. Врховната судијка Стефкова детално образлжи што и пречи во Судски совет, посочувајќи го и , како што рече, незаконското разрешување на Весна Дамева од претседателската функција. За неа нетранспаретно се одлучувало и при изборот на судии и назначување на повисоки позиции. Зоран Герасимовски пак смета дека подобро е да суди во Апелација оти таму нема доволно судии.
- „Сметам дека Советот со тоа што не избра судии во највисокиот суд од кривичната област, како и што избра судии во Гостивар, со непочитување на ранг-листата, без образложение – не е транспарентна постапка. Советот треба да биде отчетен при носење на одлуките. Дојде и седницата за разрешување на претседателот на Судскиот совет, што за мене е незаконита. Мене ми пречеше што одлуката беше без образложение. Последно се состојбите со меѓучовечките односи кои се нарушија, што претставува пречка за нормално функционирање и остварување на функциите“, изјави судијката Мирјана Радевска-Стефкова.
- „Во овие осум месеци наидов на идеолошки разединувања со членовите, а со последните превирања сметам дека треба да си поднесам оставка од проста причина што мислам дека поголем придонес ќе дадам како судија во Апелациониот суд во време кога судовите се натрупани со предмети отколку како член на Судскиот совет“ рече апелациониот судија Герасимовски.
На седницата се распиша и избор за нови двајца членови на Судскиот Совет, еден треба да дојде од Врховниот суд на местото на Радевсдка Стефкова, и од скопска Апелација, од каде беше Герасимовски. На седницата беше избран и заменик-претседател на Советот на местото на досегашниот Селим Адеми кој оставка поднесе по драматичното разрешување на Весна Дамева. Халиф Зендели беше избран со еден глас против и вети дека ќе треба многу работа за да се враќа нарушената доверба во судството.
- „ Состојбата е таква каква што е, сите знаеме. Во оваа состојба мислам дека заедно можеме да постигнеме резултати. Да направиме чекори што му личат на еден судски совет, да донесеме мудри, паметни и добри одлуки“, рече Ханиф Зендели.
Советот констатираше само две оставки, иако правниците и невладините побараа и ги охрабрија сите членови да го напуштат највисокото судско тело. За враќањето на довербата, според Блупринт групата за реформи во правосудството, клучен е законски избор на докажани судии и правници без почитичка поврзаност.
Викторија Миткова