Продолжува влијанието на многу силен циклон во Грција

Низ цела Грција до четврток пороен дожд и врнежи со грмежи, со засилено невреме североисточен ветер и со многу високи бранови.
Ќе биде и многу свежо, со температури од 20 до 24°С, малку потопло на југ.
Најинтензивно невреме и врнежи се очекуваат во Тесалија, во олимпискиот регион, на Евија и во поширокото подрачје на Лариса и Волос, како и на централниот брег на Егејското Море.
Во овие предели денеска и утре се очекуваат многу силни грмежи со исклучително пороен дожд. Во крајбрежните зони ќе има услови за морски пијавици.
На овие простори веќе наврнаа големи количества врнежи, а денеска и утре се очекуваат дополнителни 100 до 200 литри, локално и до 250 литри, што ќе доведе до разорни поплави, порои и одрони.
Колку е голема оваа количина на врнежи покажува податокот дека низ цела Грција во текот на септември просечно наврнуваат 20-30 литри дожд и дека за ден-два ќе врне онолку колку што на некои места ќе врне половина година.
Обилните врнежи ќе ги изгаснат пожарите, но сега на тие подрачја им се заканува нова опасност, разорни поплави и порои, бидејќи нема вегетација да го впие и да го задржи огромното количество вода.
Кога станува збор за Солун и Халкидики, односно областите каде што има многу наши туристи, до четврток ќе има чести врнежи од дожд и грмежи, додека туристите во олимпискиот регион треба да бидат особено внимателни и да не ја посетуваат Тесалија, поради можни разорни последици од невремето.
Од петок се очекува стабилизирање на времето во Грција и враќање на летото, а летното време ќе трае до крајот на септември и ќе биде повеќе од идеално за престој на море.
И додека Грција е под напад на многу лоши временски услови, во нејзината околина се случува уште една интересна појава.
Медитерански ураган (medicane) формиран над Јонското Море и неговиот центар се наоѓа помеѓу Сицилија, Либија и Пелопонез.
Овој систем со својот центар во наредните денови ќе се движи многу бавно над Јонското Море и ќе влијае на времето на истокот и југоисточниот дел на Сицилија каде се очекуваат невреме, силни грмежи и многу пороен дожд, со над 150 литри дожд, со поплави и порои. Сепак, овој систем нема да влијае на Грција и не треба директно да се поврзува со моменталната ситуација во Грција. Центарот на циклонот ќе биде над отворениот дел на Јонското море, со ветрови од над 120 км/ч, а на една локација ќе наврнат и над 300 литри дожд.
Кон викендот овој циклон со својот центар ќе се упати кон северниот брег на Либија и ќе донесе бурни ветрови, силни грмотевици, поплави и порои во тие области.