Продолжуваат превирањата околу градоначалничката Данела Арсовска

Данела Арсовска стана дел од коалицијата предводена од СДСМ и отсега ќе ја третираме така, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека постои сериозен сомнеж дека градоначланичката на Скопје е уценета. Дел од медиумите веќе објавија дека за неа има кривична пријава која се чува во фиока за палењето на автомобилот на директорката на Сојузот на стопански комири, но и дека власта ги премолчува сознанијата за компромитирање на тендерот за пречистителна станица.

„И медиумите и пошироката јавност говорат за тајни средби на кои е договорено Арсовска да одработува за СДСМ. По таквите тајни средби Данела Арсовска е на чело на клептоманската ново формирана коалиција каде се обединети уценети политичари кои мора да одработуваат за СДСМ“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, велат дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го сврти вниманието со цел да не одговори која е улогата на Христијан Мицкоски во тендерот за пречистителната станица.

„Цела недела јавноста сведочеше на меѓусебни обвинувања за незаконско постапување, помеѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и поранешниот директор на ЈП Водовод и канализација Златко Перински“ велат од СДСМ.

Сепак, Европската инвестициска банка, уште во понеделникот соопшти дека во тендерската постапка за пречистителна станица која ја водел Водвод на чело со Златко Перински нема никакви пропусти и дека комисијата не може да се менува. Токму барањето на Данела Арсовска за промена на дел од членовите беше иницијалната каписла од која почнаа превирањата во Град Скопје.

Повеќе медиуми вчера објавија информации за наводна тајна средба на Данела Арсосвка со премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, дека на неа наводно присуствувал и познат бизнисмен, а градоначланичката барала поддршка во битката со советот на Град Скопје и со ВМРО-ДПМНЕ.

Бојана Златкова