Проблеми на стартот од учебната година – учениците од „Гоце Делчев“ седат дома, во Ѓорче нема оброк

Наместо детски џагор и звук на училишно ѕвонче, на вториот ден од школската година, ОУ „Гоце Делчев“ во Центар денеска зјае празно. Во дворот само десетмина градежни работници – се вршат завршните работи околу изградбата на новата училишна зграда. Градежните работи го одложија стартот на наставата. Откако вчера првоодделенците беа пречекани со свечена приредба, денес седат дома.

Родителите бесни, реагираат преку социјалните мрежи – велат ваква информација не се соопштува во последен миг:
– Кај се гради зградата повеќе од една година, сигурно беше возможно ова да се соопшти некој ден порано. Пародија од образование, пишува револтиран родител.

– Слободно може да се прогласите за едно од најнеорганизираните училишта во градов. На 03.09. на пладне соопштувате дека редовната настава е одложена заради градежни работи. Дали сте сериозни?, прашуваат родителите.

Oд Општина Центар соопштија дека пропуштените часови ќе се надокнадат во текот на годината, а во договор со наставниците. Не прецизираат кој ден ќе се отворат училишните врати.

„Поради неочекувано пролонгирање на градежните работи учебната година за учениците од “Гоце Делчев“, ќе започне со мало задоцнување од неколку работни денови. За почетокот на учебната година, родителите и учениците ќе бидат навремено известени“, информираат од Општина Центар.

Проблеми на стартот од новата учебна година и за учениците од Општина Ѓорче Петров. Од ВМРО ДПМНЕ обвинуваат, околу 1000 дечиња останаа без оброк бидејќи Општината доцнела со јавната набавка.

Од Општина Ѓорче Петров негираат дека набавката на храна доцни. Велат исто како и претходните години менито ќе се утврдува во соработка со родителите, ќе се формира и конечната бројка на дечиња кои ќе се хранат на училиште, а две недели подоцна ќе се стартува со оброците за основците.

Биљана Божиновска