Пробен попис без законско решение

Без „испеглани“ детали за законското решение меѓу политичките чинители, од денеска стартува пробното попишување на населението. Со теренски активности попишувачите ќе прибираат податоци од 13 општини во 32 пописни кругови. И додека Статистика уверува дека се подготвени за спроведување на попис идната година, главната битка се префрла во партиските штабови. Опозицијата бара целосно почитување на принципите на Евростат. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во гостување на Алфа предупредува дека наместо европски попис, двоецот Заев-Ахмети преку нацрт-законот е договорено редефинирање на Македонија како унитарна држава.

– Со предлог-законот за попис кој што е доставен до Собранието се потврдуваат оние шпекулации за тајни средби во двата круга кога се правело редефинирање на политичкиот систем во Република Македонија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата Отворено на ТВ Алфа.

Од Власта пак апелираат дека спроведувањето на процесот на попишување е многу важен за општеството и нормално функционирање на државата.

За директорот на Статистика Апостол Симовски немањето закон не е пречка за пробниот попис. Немало да се објавуваат податоци од него, оти било само тестирање.

На пописот во април идната година Статистика сепак ќе ја попишува и дијаспората, а за тоа ќе бидат обезбедени и посебни поволности. Оние кои нема да бидат во Македонија, за нив податоци ќе можат да достават блиски роднини, а ако не биде искористена оваа опција, еден месец порано од закажаниот попис ќе можат да ја користат и веб апликацијата на Статистика.
За оваа статистичка операција според нацрт-законот кој е заглавен во собраниска процедура предвидено е да бидат потрошени најмалку 522 милиони денари. Но сепак нема наведено какви финансиски импликации ќе донесе пребројувањето на податоците, кое треба да следи во 2021-та.

Последен попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија беше спроведен пред 17 години.

Ивана Соколовиќ Најдова