При катастрофална реализација на капиталните инвестиции, Владата останува оптимист

По катастрофалната реализација на капиталните инвестиции во јануари од само 1%, Владата е оптимист дека откочените градежни работи на пругата кон Бугарија ќе придонесат во остварување на планираните бројки за годинава. Надлежните и лани уверуваа дека по застојот и ревизијата на бројни градежни проекти, капиталните инвестиции ќе се реализираат и до 95%, но тоа не се случи. По бројни одлагања, изградбата на пругата на делницата Куманово – Бељаковце продолжи, а надлежните се оптимисти дека ќе успеат целосно да ја завршат до крајот на годинава.

 – Во моментот кога оваа Влада ја презема одговорноста  беа изградени само 23 проценти од трасата, наназад петнаесетина години, колку што трасата се споменува. Сега веќе за овие година и половина, напредокот е до 42 проценти или некаде околу 70 проценти од градежните активности. Оптимисти сме, мислам дека сериозно ги задвиживме напред работите во градењето на оваа траса, тоа може да се види, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Директорот на МЖ Инфраструктура тврди дека најпроблематичните делови на пругата Куманово – Бељаковце се изградени. Експропријацијата на земјиштето што најмногу предизвикуваше застој во изградбата на пругата, и натаму е проблем, но не пречи при градежните работи – уверува директорот на МЖ Инфраструктура.

– Има мал дел кој не пречи за изведување на градежни работи, тој дел на експропријација кој се поврзува  со пристапните патишта како овој или други или една поголема парцела имаше под хипотека, успеавме да го решиме. Решивме и голем дел на археолошки наоѓалишта, рече Ирфан Асани, директор на МЖ Инфраструктура.

Пругата до границата со Бугарија треба целосно да биде завршена до 2025-та, а бугарските власти најавија дека железницата од нивна страна ќе биде готова во 2027-та година. Двете земји железнички ќе се поврзат на граничниот премин со тунел. Инвестицијата од македонска страна ќе изнесува над 580 милиони евра.

Тања Попова