Причините за авионската несреќа ќе се знаат за еден месец

Технички проблем, лоши временски услови или пилотска грешка поради неискуство. Ова се претпоставките за тоа како дошло до пад на авионот топ „Цесна“ кој пред два дена се урна кај планинскиот врв Солунска глава на Јакупица. Претпоставките ќе треба да ги потврди истрагата, велат од Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, но извештај ќе има дури за 30 дена.

Пилотот побарал и добил дозвола за слетување на скопскиот аеродром додека летал над прилепско, но потоа се премислил најавувајќи дека ќе продолжи кон Софија. Зошто вака постапил не се знае, а пилотите со вакви авиони сами одлучуваат дали ќе летаат или не по добиените информации за времето.

Засега остатоците од авионот остануваат на местото на несреќата, но земени се примероци што во моментов се анализираат, меѓу нив и горивото на авионот. Црна кутија авионот немал.

Снегот ја попречува работата на истражните органи, па се поставува прашањето за веројатно оштетување на доказите. Од комитетот сепак, уверуваат дека нема да има вакви проблеми.

Во истрагата ќе се вклучат и бугарски експерти, кои ќе бидат дел од посебна комисија која допрва ќе се формира.

Авион се урна на Солунска Глава заврчера во 16.15 часот на надморска височина од 2.200 метри. Во несреќата загинаа пилотот, бугарскиот државјанин Георги Бошнаков, во чија сопственост бил малиот воздухоплов, неговата сопруга и двете деца. Авионот полетал час претходно, тргнал од Охрид и се упатил кон Софија.

Сања Трајковска Ставров