Притисокот од јавноста за Онкологија го фрли Обвинителството во хаос
Во Обвинителството владее хаос околу предистрагата за грозоморниот скандал на Онкологија и препродажбата на лекови за болните од карцином, дознава Алфа од извори таму.
Обвинители, истражители, целиот персонал е растрчан поради обемноста на предметот и притисокот од јавноста, а сето ова резултира со некоординираност.
И официјално Обвинителството потврди дека предметот е комплициран, но повика и да се почитува презумпцијата на невиност на вработените на Клиниката.
Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста, велат од ОЈО.
Нема информација колку барања за наредби за претрес и за сослушување има за сведоци кои имаат информации за скандалот кој изби минатата недела, но и за оние за кои постои сомнеж дека се вмешани. Досега ниту еден доктор и медицинска сестра не се суспендирани и се уште се на своите работни места.
Засега нема официјални информации ни колку лица опфаќа предистрагата и на точно колку локации се вршени претреси, освен претресот на Онкологија каде влегоа тимови на МВР и Обвинителството и одземаа компјутери и опрема која допрва треба да се вештачи како и претреси во два стана кај вработени на Онкологија.
Додека јавноста не се смирува, а граѓаните револтот го искажуваат на протести, обвнителство не соопштува дали и кое кривично дело ќе им се стави на товар на докторите и сестрите од клиниката.
Скандалот на Онкологија кој јавноста го поистоветува со геноцид изби минатата недела кога МВР и ОЈО влегоа на онкологија иако медимите со години претходно пишуваа за кражба на лекови и нивна препродажба на црна од страна на вработени.
Паула Костадиноска