Природонаучници бараат одземање на ингеренциите на ЕЛЕМ поради лошо стопанисување со водите на Охридското езеро

Природонаучниците бараат одземање на ингеренците на државната ЕЛЕМ поради несовесно стопанисување и лошо управување со водите на Охридското езеро. Наметнатите осцилации на езерото се опасни, бидејќи предизвикуваат драстични промени на растителниот и животинскиот свет, велат експертите. ЕЛЕМ не смее Охридско од природен резерват да го претвора во акумулационен базен – додаваат тие. Укажуваат дека од почетокот на месец март па се до јуни, нивото на езерото алармантно се покачи за критични 86 сантиметри над дозволениот максимум, а само 4 месеци подоцна тоа нагло се празни, што е недозволиво.

Управувањето со Охридското езеро не смее да се претвори во бизнис, државата не смее да дозволи интересите на било која компанија да преовладеат, загрозувајќи го водниот басен-потенцираат странските експерти.

Од министерството за животна средина не ги загрижуваат осцилациите на езерото, велат дека ваквата перцепција на експетите била погрешна и оти тие одговорно го следеле нивото на езерото, во комуникација со ЕЛЕМ. Со државната компанија не само што имале добри релации, туку признаваат дека компанијата превземала мерки со амин на надлежните институции.

Од граѓанската иницијатива „Охрид СОС” неодамна апелираа до ЕЛЕМ да се затворат испустите на Дрим во Струга, бидејќи водата во езерото значително е намалена.

Росица Голабоска