Прилеп подготвен за 21. издание на традиционалниот карневал „Прочка 2023“

Со над 500 учесници и повеќе десетици групни и поединечни маски, градот под Марковите Кули, утре на денот „Велики Поклади – Прочка“, по 21-ви пат ќе биде домаќин на традиционалното карневалско случување „Прочка 2023“. Подготовките се веќе завршени и добредојдени се сите кои имаат желба празникот „Велики Поклади“, со кој се означува почетокот на големиот Велигденски пост, да го одбележат во духот на многувековната македонска христијанска традиција, велат организаторите.

Започнуваме еден викенд кој што во недела ќе кулминира со дефилирање на поворката која што ќе почне точно оттука, од пред Домот на културата „Марко Цепенков“, се’ до централното подрачје, односно Плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ каде што ќе бидат изложени и гостинските прочкари“,– рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Над 20 групни маски со по 50 до 100 членови ќе се претстават на централната бина, на Плоштадот. Тука се и гостите од другите градови, од Мокриево, Куратица, Струмица, Охрид, Кавадарци и нашите прилепски традиционални учесници. Очекуваме над  500 маскирани учесници и се надеваме на уште еден успешно организиран Карневал“, – истакна Снежана Ристеска, советник за култура при ЛС Прилеп. 

„Прилепските мечкари“ како синоним за Карневалот „Прочка“ и годинава, доследни на традиционалните адети и обичаи, повторно ќе ги стават своите сурати и ќе ги облечат автентичните маски изработени од природни, претежно животински материјали – штавени кожи, животиснки заби, монистра. И така „дотерани“, касапите – мечкари, со ритуален див танц, ќе ги гонат демоните и сето зло што го подјармува светот.

„Мечкарите“ веќе ја усовршија својаата маска, направија нови костуми, така што веќе со овие костуми можеме подобро да ја презентираме нашата маска која претставува еден симбол на Прилеп, па и на Македонија, бидејќи со овој вид на маски сме единствени во Македонија и со неа имаме настапувано во повеќе европски земји“, – посочи Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на Здружението „Прилепски мечкари“.

Меѓународниот Карневал „Прочка“ со кој Прилеп е влезен и во Европската карневалска федерација – ФЕЕК, традиционално започна вчера со изложбата на маски, изработени од прилепските ученци. Гран при наградата за најдобро изработена маска од природни материјали ја доби ученичката Изабела Талеска од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од с. Подмол.

Каролина Дурло

Advertisements

Поврзани вести