Прилепски „Водовод“ за прв пат во земјава започна со преработка на метанот за добивање електрична енергија, а има и проект за поставување фотоволтаици

Прилепски „Водовод“, соочен со енергетската криза, веќе неколку месеци, успешно врши преработка на метанот кој се ослободува од прочистувањето на водите во Пречистителната станица. Од овој пионерски процес, претпријатието во моментов добива од 12-15 проценти електрична енергија за сопствени потреби, а очекувањата се дека до крајот на годинава тој процент ќе се искачи до 20 индексни поени.
„Сега засега, со овие можности и услови што ги имаме е еден добар показател за намалување на сметката за електрична енергија. Според пресметките на раководителите оваа година што ги направивме, доколку се инвестираат од 300.000 до 500.000 евра би можеле да дојдеме до половично производство на електричната енергија што е потребна за оваа Пречистителна станица“, – кажа Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп.
Пречистителната станица во Прилеп, која според својата современост е единствена во земјава, е најголемиот потрошувач на струја на ова Јавно претпријатие, или на дури 80 посто од вкупно потрошената струја. Затоа, годинава ќе се прават напори, освен од метанот, во Пречистителната станица да се добива струја и од обновливи извори на енергија, односно од фотоволтаици. „Со тој проект би ја преполовиле сегашната потрошувачка на струја, или од 80 проценти би се симнале на 40, но проблем е Законот кој не дозволува јавните претпријатоја да ја обавуваат и оваа дејност, иако е само за сопствени потреби“, – посочува Гулабоски.
„Законот кој што е донесен пред повеќе години да се промени и да ни се дозволи производство на електрична енергија од обновливи извори. За да бидам јас спремен, пред еден месец и половина започнав со проект кој што ќе заврши нареднава недела, готов проект за фотоволтаици поставени на самава Пречистителна станица. Досега позитивно оди разговоров и се надевам дека во наредниов еден месец позитивно ќе биде решено нештово“, – обајснува Гулабоски.
Според проектот, оваа инвестиција би била вредна околу 540.000 евра за производство на 540 киловат часови енергија. За овие средства ќе се аплицира до Владата, надлежните министерства или до амабасади во земјава.
Изградбата на Пречистителната станица во Прилеп, со средства од германската КФВ-банка ја започна Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година, а во употреба ја предаде сегашната Влада, во 2018-та, непосредно по своето доаѓање на власт.
Каролина Дурло