Прилепските пензионери со најниски пензии ќе користат бесплатен градски превоз
Додека државата упорно продожува да калкулира како и дали воопшто ќе им помогне на македонските пензионери за линеарно зголемување на пензиите за 3.500 ден. и кои веќе месец и пол протестираат, општина Прилеп одлучи на своите пензионери со најниски примања да им обезбеди беспалтен градски превоз. Со оваа поволност, која важи од почетокот на месецов, се очекува да бидат опфатени најмалку 5.000 пензионери.
„Треба да се обратат до ЈП за ПУП кои го организираат јавниот превоз, да ги достават нивните чекчиња за примена пензија, да поднесат едно барање и од ЈП ќе излезат со картички кои што ќе им бидат дадени на овие баратели на оваа услуга која што ја нуди ЛС и со тоа обезбедуваме бесплатен превоз за пензионерите“, – изјави Дејан Проданоски, претседател на Совет на општина Прилеп.
Според Проданоски, целата на оваа одлука на општинскиот Совет и на градоначалникот е колку-толку да им се помогне на пензионерите кои примаат мизерни пензии и едвај врзуваат крај со крај.
„Сме вовеле нови политики се’ со цел подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани, а тоа ни е целта што како ново раководство на ЛС си ја поставивме пред доаѓањето и се трудиме, иако во тешки услови, да испорачаме максимум кон нашите сограѓани“ – појасни Проданоски.
Инаку, во Прилеп има над 13.000 пензионери и речиси половината од нив се со ниски пензии. Прилепските пензионери беа првите во земјава кои на почетокот од август ги започнаа протестите против недостоинствените примања.
Каролина Дурло