Прилепската Стара чаршија остана без ветениот грант за ревитализација на дуќаните

Прилепската Стара чаршија, која е една од најстарите чаршии во земјава и која низ годините успешно одолева на современите налети на времето, зачувувајќи си ја својата автентичност, деновиве остана без ветениот грант од државата за обнова и ревитализација на излозите и дуќаните во неа, од кои некои се стари и по неколку децении. Последната одлука на Министерството за економија, договори за ревитализација да потпише со општините: Чаир, Центар, Битола и Охрид, но не и со Прилеп, иако тоа беше ветено во предизборието, ги вознемири прилепските дуќанџии, особено оние староседелците кои со генерации ги наследувале дуќаните каде ги обавуваат своите најразлични занаети и кои имаат итна потреба од реставрирање.

Прилепските дуќанџии, кои велат дека имаат се помалку работа, децидини се во ставот дека државата мора соодветно да интервенира за ревитализација на старите чаршии, бидејќи, како што посочуваат, само така ќе се зачува нивната историска автентичност, а локалните самоупрви ќе имаат евидентен економски бенефит.

Прилепската Стара чаршија, последно беше реставрирана пред неколку години, кога претходната власт комплетно го уреди паркот околу Градскиот Саат, ги заштити и зајакна темелите на Кулата која беше накривена, постави канделабри, а помогна и во реставрирањето на дел од најстарите дуќани.

Каролина Дурло