Прилепската ромска населба Тризла на -10 степени, без струја

Над триесетина семејства од ромската населба „Тризла“ во Прилеп, веќе еден месец периодично, а последниве десетина дена и редовно, електрична енергија во своите домови добивале само по два часа дневно. Причината за ваквата состојба бил извесен дефект во локалната Трафостаница, за кој, екипите на ЕВН не можеле точно да кажат кога ќе бил трајно отстарнет.

Нередовното, двочасовно снабдување со струја, освен што им го комлицирало секојдневието во овие зимски услови на минусни температури, предизвикало и бројни дефекти кај домашните уреди. Револтот и загриженоста кај овие луѓе стануваат уште поголеми и заради престојниот почеток на второто полугодие за учениците.

Од ЕВН, ги отфрлаат овие обвинувања, правдајќи се дека таквата состојба било последица на кражбите на струја кои биле евидентирани во оваа населба.

Инаку, прилепската ромска населба „Тризла“, во предизборието беше една од најексплоатираните од страна на сегашната власт по однос на решавањето на бројните проблеми со кои се соочуваат нејзините жители, меѓу кои и со квалитетното напојување со електрична енергија.

Каролина Дурло