Приватниците со 200 автобуси ја блокираа „Илинденска“, бараат исплата на дел од долгот додека не изберат нови превозници

Приватните превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ разочарани си заминаа дома, откако цел ден со автобусите стоеа паркирани на „Илинденска“. Иако од 6 часот изутрина чекаа прием со градоначалничката Данела Арсовска пред бараките на Град Скопје, тоа не се случи. Преку медиумите и понудија да им исплати дел од долгот од 1,5 милиони евра и ќе возат додека таа избере нови превозници. Велат дека ова е компромисно решение за да не страдаат граѓаните поради блокираниот град.

  • Градоначалничката Арсовска ниту денес не ги прими приватните превозници за да ги слушне нивните барања кои не се закани. Превозниците се спремни веднаш да почнат со вршење на превозот оној момент кога ќе им биде расчистен долгот или барам дел од долгот. Гледаме дека јавните претпријатија добиваат пари за да може да функционираат и да поделат плата. Исто и приватните превозници извршуваат јавна дејност и за да можат да ја вршат и да земат плата потребни им се пари. Доколку сакаат да се реши проблемот еве им шанса тоа да го направат. Ќе се одржуваат линиите сè до оној оглас кој го најавува Араовска за избор на нови превозници. Ова што сега се случува е невидено. Па ни приучен менаџер нема да го избрка работникот ако не му најде замена, рече директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски.

Јовановски кажа дека „Слобода превоз“ досега не добила решение за раскинување на договорот од Градот, иако вчера оттаму соопштија дека го раскинале.

  • Ќе ја оспориме одлука и ќе поведеме спор пред надлежниот суд. Уште еднаш повикуваме да не се изнесуваат лаги и невистини во јавноста и да се знае дека ‘Слобода превоз‘ не протестира и не блокира улици. Протестите и блокадите се од страна на сите приватни превозници кои се учесници во јавниот линиски превоз во Град Скопје, тоа се оние на кои ЈСП им должи пари, а Градот ги исклучува од превозот одземајќи им ги стекнатите права преку кои остваруваа приходи за егзистенција. Укажуваме и на фактот дека сите вакви избрзани и непромислени  постапки и изјави кои ги слушавме изминатот период само ја влошуваат и така лошата состојба и провоцираат на поголем револт кај приватните превозници и не допринесуваат кон смирување на тензичните состојби туку истите сметаме дека ќе ги радикализираат, вели Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“.

Превозниците велат дека нема да се откажат од намерата да разговараат со градоначалничката и дека ќе ги искористат сите механизми за да ги добијат парите што во моментов им ги должат. Сега, велат дека немаат ниту денар, за да ги прехранат фамилиите.

Приватните превозници утрово со 200 автобуси и 300 возачи го блокираа булеварот „Илинденска“. Ако во текот на викендов не добијат позитивен одговор од Арсовска, в понеделник ќе блокираат три клучни крстосници во градот и тоа кај ТЦ „Мавровка“, Црвен крст и пред Влада.

Борис Грујоски

Advertisements