Приватните превозници бараат средба со премиерот, за да ѝ ги одземе ингеренциите на Данела Арсовска

Приватните превозници бараат средба со премиерот Димитар Ковачевски, со надеж дека ќе помогне во решавње на нивниот проблем. Тие писмено побараа да бидат примени во Владата за да му кажат да направи напор да им се исплатат парите, но ако може и да ги одземе ингеренциите на градоначалничката Данела Арсовска за јавниот превоз во Скопје.

  • Давеникот се фаќа за сламка, па така и ние. Бараме средба со премиерот Ковачевски за да се вклучи Владата во решавање на проблемот преку медијација да се најде начин да ни се исплатат пари или пак да ѝ се одземат ингеренциите на Арсовска за јавниот превоз во Скопје. Била каква помош би прифатиле“, вели Кемал Муриќ превозник во „Слобода превоз“.

Од Владата пак велат – барањата да ги упатат кон градските власти, а тие треба да понудат мерки за надминување на состојбата во интерес на граѓаните.

  • Укажуваме дека според Законот за Град Скопје, уредувањето и организацијата на јавниот градски и пригардски превоз на патници е под целосна и единствена надлежност на Град Скопје“, велат меѓу другото од Владата.

По делумното повлекување на автобусите, сообраќајот во Скопје малку се растерети, но граѓаните се уште се нервозни зашто автобусите доцнат, и прстот го вперуваат во првиот човек на Скопје.

  • Градоначалничката е крива, и ја дадовме сета доверба, посебно ние неопределените, за вака сега да ни прави нас? На што личи тоа. Го праќа тој секретарот неписмениот што не знае една реченица да прочита, а таа се крие. Брука невидена, чекаме тука со саати автобуси, немам коментар, остро реагираат граѓаните пред камерата на Алфа.

Градоначалничката уште минатиот месец ги раскина договорите со „Слобда превоз“ и „Макекспрес“ и јавно на седница на градскиот Совет кажа дека нема да им го исплати долгот.

Приватните превозници денеска ги ослободија трите клучни крстосниците во градот кои претходниве денови беа блокирани и протестите ги насочија пред Град Скопје и канцеларијата на Арсовска. Со автобусите е блокиран булеварот Илинден на потегот од фонтана до крстосницата кај „Мида“.

Блокадите продолжуваат и наредните денови, сè до исполнување на барањата за исплата на долгот од близу два милиони евра.

Борис Грујоски

Advertisements