Приватните автобуси од пет линии во Скопје од утрово не возат поради долг од Градот

Приватниот превозник на автобуски градски превоз „Макекспрес“ денеска не сообраќаа на линиите 19, 20, 22, 52 и 54, поради неисплатен долг од страна на ЈСП „Скопје“ и Град Скопје. Пред неполни две недели Скопје на неколку дена остана без јавен превоз откако возачите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје протестираа поради неисплатена септемвриска плата.

Приватните 19-ка, 20-ка, 22-ка, 52-ка и 54-ка наместо на улица, останаа во гаражите поради долг од Град Скопје. На електронските табли на автобуските станици низ Чаир и Новоселски пат пишува дека приватните автобуси сообраќаат но кога најавеното време ќе помине, нив ги нема. Тоа најмногу создаде незадоволство меѓу граѓаните кои реагираат дека ниту криви ниту должни повторно имаат проблем со користење на услугите на јавниот превоз.

  • Па се утепав од чекање 22-ка приватна. Знам дека не возат дел од нив, чув денеска, а капацитетот на автобусите на ЈСП не може целосно да ги покрие приградските места во Скопје, посебно на линијата со број 22, или оние други пригратски линии, велат граѓани пред камерата на Алфа.

Приватните превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ имаат еден куп натрупани проблеми и милионски долг, вели за Алфа првиот човек на „Слобода превоз“. Според Ленин Јовановски, Градот им должи 42,5 милиони денари, а со новиот месец ќе дојде нова фактура за октомври и оваа сума ќе се зголеми ако нема нова исплата.

  • Ние имавме средба со Градот, кога дел од превозниците немаа можност да возат, поради тоа што немаа пари за гориво и застанаа автобусите од линиите 23 и 45. Но, тогаш договоривме усно една динамика и начин на враќање на долгот, а којашто до денес се почитува во најголем дел. Оваа недела очекуваме една поголема исплата, како и тековните исплати да бидат на неделно ниво. Тоа во голема мера се почитува, немаме причина и ние да не возиме, зашто веќе нешто сме договорени. Градот им должи близу 42 милиони денари, но дека со новиот месец ќе дојде нова фактура за октомври и дека оваа сума ќе се зголеми, доколку нема нова исплата, рече за Алфа директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Инаку, пред неполни две недели Скопје за прв пат во историјата остана без јавен превоз откако возачите на ЈСП протестираа поради неисплатена септемвриска плата. Прекинот траеше речиси цел ден, а автобусите се вратија во сообраќај откако беше донесена одлука да се пренаменат пари од други ставки во градскиот буџет за ЈСП да може да им се исплатат средствата.

Борис Грујоски

Advertisements